Закани и притисоци да се прошири списокот за Евросонг
Александар Сидоровски, уредник на спортско-забавната програма на Македонската телевизија на денешната прес-конференцијата во МТВ информира дека биле вршени силни притисоци со закани да се прошири списокот со 15 песни за учество на Фестивалот „Скопје 2008“ - Избор за Евросонг.
- Беа вршени силни притисоци со закана да се прошири списокот со 15 песни барем за една песна. Во тој момент ни беше најважно луѓе што се блиски до нас како колеги како професионалци и како луѓе пред се да ги заштитиме од таа тортура. Се води постапка против сите оние кои им се заканувале на членовите на овој тим и на авторите на 15-те песни. Соработуваме со авторите на тие 15 песни и тие се подготвуваат. Во тек се технички и уметнички подготовки за Фестивалот, истакна Сидоровски.
Тој на прес-конференција на 11 јануари посочи дека програмскиот сервис пројавил интерес Фестивалот да се збогати со шест композиции кои, според стручното мислење на уметничкиот директор и тимот, имаат квалитет да се најдат на финалната вечер и оти 21 композиција ќе бидат изведени на Фестивалот.
- Посочивме дека го проширивме списокот со уште шест композиции. Имаше реакцијата на авторите и Советот на МТВ и од Правната служба од каде не информираа дека согласно објавениот конкурс кој има дејство на правен акт во кој не е децидно ставено до знаење дека некој има право да го прошири списокот на примени композиции, дополнителните шест композиции не може да бидат примени, рече Сидоровски во врска со одбивањето на кандидатурите тие песни.
Уметничкиот директор на Фестивалот „Скопје 2008“ - Избор за Евросонг, Валентино Скендеровски потенцира дека Скопскиот фестивал има свој правилник каде е многу јасно наведен начинот на работењето, условите, правилата, како и значењето на одлуките кои ги донесува жири комисијата.
- Никаде во објавениот конкурс на овој Фестивал не стои дека се избира композитор, интерпретатор, забавувач, група, аранжер, текстописец или продуцентска куќа. Се избира песна на Евровизија. МТВ има лиценца издадена од страна на Европската дифузна унија со која е назначена како организатор на манифестацијата на која се избира песна за национален претставник на Евровизија, објасни Скендеровски.
На прашањето колку песни немаат пејачи, Скендеровски, одговори дека за две или три песни кои се наоѓаат меѓу 15-те композиции не е познат изведувачот.
- Уметничкиот директор има право да селектира тим на пејачи и тоа не е престап. Мислам дека оваа парада на кич и навреди отиде предалеку и апелирам до сите да претстанат со навредите и неоснованите изјави, кои се казнуваат според законот. Во секој проект што сум го работел досега, фер односот, етиката и добрите меѓучовечки односи, ми биле секогаш на прво место, рече Скендеровски.
Тој понуди јавно оставка од местото уметнички директор на Фестивалот, но таа не му беше прифатена.
Шефот на македонската евровизиска делегација Миланка Рашиќ на прес-конференцијата истакна дека оваа година начинот на гласање ќе биде 50 проценти телевоутинг и 50 проценти стручно жири и оти сите 15 композиции ќе бидат наградени со 12, 10, 8 поени итн.
Евровизискиот тим објасни дека доколку некои песни имаат еднаков број поени понатаму ќе оди таа песна што ќе има најмногу гласови од стручното жири.
На Фестивалот „Скопје 2008“ - Избор за Евросонг ќе се гласа од еден фиксен и од три мобилни оператори.
Според најавите, на МТВ утре во 20 часот и 10 минути ќе има жребување на редоследот на композициите на Фестивалот, што ќе се одржи на 23 февруари во Метрополис Арената во Скопје.
„Евросонг 2008“ ќе се одржи на 22 и 24 мај во Белград